24 Отворено: Граѓаните наспроти новата Влада - ќе градиме општество за сите или партиски пашалак?

19.05.2017 | 14:13
Прочитано: 2889

Под силен притисок на јавноста, граѓаните, но и на странската булдожер дипломатија мандатот стигна во рацете на Зоран Заев. Се чека новиот владин состав. Се кројат стратегии, се чекаат нови конкретни дела. Кој ќе седне во министерските фотелји, но и уште поважно каков концепт ќе понудат пред граѓаните, новите коалициони партнери. Синоќа во 24 Отворено граѓаните дебатираа за идните чекори на новата Влада. Во студиото гостинка беше мајката на прерано починатото девојче Тамара Димовска, Жаклина Димовска. Поради нефункционалните институции останала без дете и без работа.

„Бев соочена со отказ од работа, закани бидејќи јавно го кажав својот проблем. Моето дете почина поради нефункционалните институции, јас останав без дете и без работа. Да се пренаменеа парите од Скопје 2014 во проекти од здравството никој немаше да се побуни за квалитетен живот во Македонија и немаше да има толку болни деца. Здравствениот систем во земјава е нефункционален, никој не ги прегледа ниту ги виде документите за моето дете, ниту не погледнаа, само ни кажаа дека нема право да се лечи Тамара со кривина на 'рбет од 90 степени“, вели Димовска.

Во студиото дебатираа и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски , Кастриот Реџепи од БЕСА и Константин Битраков од Студентски пленум.

Потпретседателот на СДСМ, рече дека државата ќе презема обврска пред секој млад човек да му понуди работа, пракса или дополнителна мерка за стимулација да почне свој бизнис. Тој најави дека деполитизацијата и ослободувањето од притисоци ќе бидат главните цели на новата Влада.

„Државата е еднаква за сите граѓани, интеграција, но и делење на обврските. При изборот на новите министри главен е човекот, а не партијата.Треба да се мотивираат успешните професионалци и да се врати човечниот однос на администрацијата кон граѓаните. Најголем дел од младите ја гледаат својата иднина надвор од државата или во јавната администрација. Не е проблемот во поединецот во јавната администрација, туку во оние кои ги користат само за прибирање гласови. Затоа е потребна темелна реорганизација.Нема да биде отпуштен никој кој работел според законите“, рече Манчевски.

Според него, мора да се направи реформа во Основното јавно обвинителство и смена на јавниот обвинител Марко Зврлевски. 

Кастриот Реџепи од БЕСА вели дека потребно е да се формира и специјално одделение во судот кое ќе ги процесуира случаите кои ги отвори СЈО. 

„Не смее да се дозволи ненаменско трошење на народните пари, мора да има одговорност за проектот "Скопје 2014". Потребни се темелни реформи, во судството, економијата, образованието кое прво треба да претрпи ревидирање на наставните програми“, изјави Реџепи.

Константин Битраков од Студентскиот пленум порача дека потребен е нов Закон за високо образование и целосна автономија на Универзитетите. 

„Oбразовeн систем кој дозволува ученици да се користат како партиска алатка покажува дека државата има сериозен проблем. Здравството и образованието се клучни сектори во кои ќе треба да се работи за да може да се добие квалитетен живот и да се надминат аномалиите кои најчесто излегуваат од овие ресори. Новата Влада е пред голем предизвик и мора да соработува со граѓанскиот сектор и стручната јавност“, смета Битраков.

Прашувајте и коментирајте на #Отворено #24Вести


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.