Администрацијата ќе работи и втора смена

19.05.2017 | 18:51
Прочитано: 62097
Две смени за вработените во администрацијата и зголемување на бројот на шалтери за да се скрати времето на чекање, најавуваат од СДСМ по формирањето на новата влада. Целта е да се подобри ефикасноста, но и да се реши проблемот со превработеноста. Посочуваат бркања нема да има. 
 
Граѓаните се задоволни од вакавите најави оти велат ќе можат да ги завршуваат услугите во државните институции и по завршувањето на нивното работно време, велат дека сега не се задоволни од услугите на администрацијата. Но дел посочуваат и позитивни примери.
 
Експертската јавност предлага – без кратења преку отпуштања затоа што со тоа би се зголемила невработеноста. 
 
„Решението не треба да се бара на тој начин што ќе се истеруваат луѓето од работа, на тој начин само би се направиле дополнителни проблеми, и онака високата стапка на невработеност би се зголемила“, изјави Темелко Ристески, универзитетски професор.
 
Освен тоа, вели професорот, потреба е и итна департизација на јавниот сектор.
 
„Последната владејачка гарнитура која што сега веќе е во опозиција, масовно вработуваше кадар во администрацијата според партиска книшка и партиска припадност, овие работи не се мерило на знаење, треба да се примаат луѓе кои знаат што работат и ќе бидат ефикасни“, вели Ристески.
 
Според последните официјални информации администрацијата брои 130.000 вработени, но јавноста се сомнева дека бројот надминува 150.000. Кај граѓаните, пак, преовладува мислењето дека партиската книшка ги отвора вратите за вработување во јавниот сектор. 
 
Според анкетата спроведена од Центарот за управување со промени дури 78 отсто сметаат дека партијата е таа што вработува. Инаку, во буџетот за 2017 година за плати и надоместоци се предвидени 435 милиони евра. 

Маја Васева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.