Алтхаузер до Иванов: Колку поголем непријател, толку поголема чест за мене

18.05.2017 | 20:14
Прочитано: 7522
Германското министерство за надворешни работи порачува дека критиките на македонскиот претседател Ѓорге Иванов се неумесни.
 
Познато е дека оценките кои се доставуваат во земјата-домаќин, секогаш се прават во тесна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и самата Амбасада, се наведува во изјавата на германското МНР, од каде го потврдуваат и вчерашното соопштение со порака дека Германија се радува што претседателот Иванов, по долго размислување, донесе вистинска одлука и се откажа од блокадата.
 
На нападот на Иванов одговори и самата амбасадорка Алтхаузер, и тоа на македонски јазик.
 
„Колку повеќе непријатели, толку поголема чест за мене“, изјави Кристине Алтхаузер, амбасадор на Република Германија.
 
Од кабинетот на Иванов денеска велат дека претседателот опстојува на јавно искажаните ставови, а вчера претседателот вината за критиките од Берлин ја лоцираше не во своите постапки, туку кај амбасадорката во земјава.
 
„Треба да нè загрижо кое е нивото на квалитет на дипломатите на тие земји во Македонија. Такво соопштение да даде германско министерство за надворешни работи, кажува дека нивниот амбасадор тука се служи со лажни вести. И не е прв пат, и за бегалската криза имавме иста ситуација“, изјави Ѓорге Иванов, претседател на Р. Македонија.
 
Дел од познавачите на надворешната политика, како долгогодишната новинарка Слободанка Јовановска велат дека изјавата на претседателот е под секое дипломатско ниво
 
„Мене ми наликуваше на гневна изјава на политичар кој се соочува со последиците од својата работа, поточно со лошите последици од своето работење последните неколку години. Дипломатијата е уметност на фино зборување. Она што вчера го демонстрираше Иванов е без преседан.“, изјави Слободанка Јовановска, новинар.
 
Јовановска додава дека сепак не верува дека изјавата на Иванов ќе ги наруши релациите меѓу Македонија и Германија бидејќи Берлин и Иванов го гледа како дел од гарнитурата на власт која е на заминување.
 
Берлин инаку и подлабоко се инвовираше во македонската криза со праќање на специјалниот пратеник Ханјдл, а Германија со децении е најголем трговски партнер на Македонија, и една од ретките земји каде Македонија извезува двојно повеќе роба отколку што увезува. 

Сеад Ризвановиќ
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.