Амнестија за напаѓачите во собранието не смее да има, изјавата на Иванов е неумесна

18.05.2017 | 20:15
Прочитано: 13696

Никој не може да очекува нападнатите пратеници во иднина да го помилуваат напаѓачите кои беснееа во собранието на крвавиот четврток, реагира јавноста по предлогот на претседателот Ѓорге Иванов собранието да ги амнестира осомничените насилници за да се постигне помирување на општеството.

Изјавата на претседателот наиде на остра осуда. Дел од нападнатите пратеници кои кобниот ден се најдоа очи во очи со демонстрантите велат дека одговорност мора да има. Тоа не беше толпа понесена од емоции, како што вели Иванов, туку паравоена структура спремна да не убие, вели пратеникот Павле Богоевски.

„Најискрено да ви кажам, навредувачка е таа изјава. Како пратеник, кога вашиот претседател, макар и тој што во случајот е Ѓорге Иванов, ќе побара да бидат ослободени од одговорност паравоените структури коишто се обиделе да ве убијат, е во најмала рака омаловажувачки“, изјави Павле Богоевски, СДСМ.

Во својата изјава претседателот Иванов му порача на новото парламентарно мнозинство да има доблест и да покаже акт на добра волја со тоа што ќе ги амнестира осомничените демонстранти. Меѓу нив има и такви што се сомничат за обид за убиство, посочува извршниот директор на хелсиншки комитет, уранија пировска. Неказнивоста која до сега ја гледавме, порачува, мора конечно да биде сопрена.

„Република Македонија стигна до овој степен на невладеење на правото токму поради феноменот на неказнивост којшто беше за сите овие десет години, на некој начин, зајакнуван од страна на структурите на моќ“, изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет.

Во инцидентите од крвавиот четврток инаку беа повредени над стотина лица меѓу кои пратеници, новинари, демонстранти и припадници на безбедносни сили. До сега Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против 35 лица.


Маја Васева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.