Богдановски: Водовод и канализација ќе бидат приоритет во Сопиште, Трпковски: Ќе го реализираме ветеното

12.10.2017 | 19:06
Прочитано: 1095

На кандидатите за градоначалници им остана уште само еден ден да ги претстават проектите на граѓаните пред изборниот молк во сабота. Кандидатите за градоначалник на општина Сопиште од врата на врата – нудат проекти и решенија со кои би ја освоиле довербата на жителите.

Телевизија 24 беше во Сопиште. Ова е изборниот штаб на Далибор Богдановски. Тука кандидатот за градоначалник заедно со својот тим, кој брои 50 активисти ја договара стратегијата како ќе настапуваат пред граѓаните. Богдановски на жителите на Сопиште им вети нова детска градинка, нови услуги во здравствениот дом и реконструирана амбуланта во Јаболце.

„Клучните проекти кои ги нудиме пред граѓаните се целосна изградба на систем за водоснабдување во должина од 21 километар, изградба на фекална канализација и изградба на градинка“, вели Богдановски – Кандидат за градоначалник на Сопиште од СДСМ

Носителот на кандидатската листа за советници од СДСМ, Сашо Стојановски вели дека првото нешто што тие ќе го направат доколку ја освојат довербата од граѓаните е одблокирање на сметката на општината. Тој вели дека очекуваат убедлива победа.

„Анкетите се во наша полза од она што го добиваме постојано на терен, не само во овој период, туку во изминатиот период, додека одевме од врата на врата и пред кампањата, собирајќи ги идеите и проблемите на граѓаните за да ги вметнеме во нашата програма. Програмата ја направивме со реалните потреби за граѓаните и очекуваме дека тие ќе ја препознаат таа програма и ќе ја дадат својата поддршка“ вели Стојановски.

Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Стефче Трпковски на жителите им ветува инсталирање на централно греење во училиштата, санација на спортското игралиште во Долно Соње туристички центар во Село Говрлево и проширување на мостот во Добри Дол. Тој не ја прифати поканата да зборува пред камерата на телевизија 24, па затоа искористивме снимки од негови прес – конференции.

„Ја имате можноста за избор да ги поддржите напредокот и развојот, директно да донесете одлука за тоа во какво место сакате да живеете. Во мојата програма ќе ги видите проблемите од секоја сфера на општественото живеење“, вели на една од прес – конференциите Стефче Трпковски – Кандидат за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ.

Носителот на кандидатската листа за советници од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски пред два месеци на панел дискусија организирана од партијата рече дека се реализираат сите проекти кои ВМРО-ДПМНЕ ги има ветено во Сопиште.

„Досега инвестиравме во сериозните проблеми во инфраструктурата, како многу бројните локални патишта кои беа од основно значење на граѓаните. Тука спаѓа и клучниот пат кој се реализира, односно 2/3 веќе е готов, тоа е регионалниот пат кој ја спојува општина Сопиште со Кисела Вода во должина од 12 километри Повеќе од пет нови игралишта беа изградени во општината Сопиште, а целосно се реконструираше и спортската сала во основното училиште Драга Стојановска. Исто така се реконструираат и училиштата низ целата општина“, рече Мицевски.

Сопиште во недела одлучува дали ќе му довери уште еден мандат на актуелниот градоначалник Стефче Трпковски, или по 8 години на чело на општината ќе застане кандидатот на СДСМ, Далибор Богдановски.



Александар Тодески
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.