Червар: Не смееме да се штедиме, мораме да дадеме се од себе

11.01.2017 | 20:44
Прочитано: 1094
Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија утре ќе го забележи своето петто учество на мундијалите.
Македонија во групата „Б“ се наоѓа во друштво на селекциите на Ангола, Исланд, Словенија, Шпанија и Тунис.
 
Избраниците на Лино Червар својот прв настап на турнирот во Франција ќе го имаат утре со дуелот против селекцијата на Тунис.
 
„Да ветувам нешто, а потоа да не го исполнам, е тоа не сакам. Значи јас морам да бидам чесен прво кон самиот себе, а потоа и кон екипата која ја водам. Она што е најважно е да не се штедиме, да дадеме се од себе. Луѓето да не ги исклучуваат телевизорите туку да уживаат гледајќи како момците се борат, а резултатот ќе зависи од повеќе фактори“ вели Червар во пресрет на утрешниот меч.
 
„Предлагам да одиме чекор по чекор. Не е се готово по првиот натпревар, ние можеме да го победиме Тунис, а потоа да ги загубиме сите други. Можеби и последниот натпревар ќе биде решавачки. Затоа се обидувам да им пренесам на играчите да држиме тензија на секој натпревар, затоа што секој натпревар е најважен“ дополни селекторот на нашата ракометна репрезентација.
 
Дуелите во групата „Б“ нашата селекција ќе ги игра во Мец, а форматот на натпреварување вели дека првите четири селекции во групата ќе имаат прогрес во следната фаза. 
 
Македонија на овој турнир ќе се обиде да го надмине своето најголемо достигнување на светските првенства, откако најдобриот пласман го оствари пред две години на турнирот во Катар, каде заврши на деветтото место.
 
Нашата селекција вчера напладне пристигна во Мец, каде го одработи и првиот тренинг.
Селекторот Лино Червар за Мундијалот во Франција селектираше 19 ракометари, меѓу кои се најдоа: Никола Митревски, Кирил Колев, Благојче Трајковски, Никола Маркоски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Велко Маркоски, Филип Талески, Марко Нелоски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Стефан Дрогришки, Ристо Арнаудовски и Влатко Митков. 

Душко Постолов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.