Четири години казна затвор за напаѓачот на Шекеринска

12.10.2017 | 17:05
Прочитано: 6457

Панче Ангелов е виновен за кривичното дело насилство и е осуден на казна затвор од 4 години. Кубачот на Шекеринска денеска ја слушна пресудата на Кривичниот суд. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и премиерот Зоран Заев кои се оштетени во постапката денеска не дојдоа во судот поради службени обврски. Судијката Џанета Бектовиќ во образложението наведе дека во одредувањето на висината на казната преовладуваат отежителните околности.

„При одредувањето на казната судот ги имаше предвид отежителните околности меѓу кои фактот дека делото е сторено без мотив, повод и причина. Специфични отежителни околности се дека делото е извршено во највисокиот законодавен дом Собранието, врз народни избраници пратеници. Оштетените, Шекеринска и Заев, се здобиле со тешка телесна повреда и телесна повреда. Настанот бил дирекно следен преку медиумите што кај граѓаните предизвикало чувство на страв, несигурност и загриженост“, истакна судијката во пресудата.

За делото за кое одговара Ангелов според кривичниот законик предвидена е казна затвор од три до десет години, но со казната која ја доби напаѓачот на Шекеринска судот смета дека ќе се постигнат целите на казнувањето – Ангелов нема да го повтори делото, а ќе се превенира извршување на насилство и од други граѓани.

Ангелов мирно ја ислуша пресудата. Од судот си замина без изјава. На одење дофрли дека казната е превисока, но упати и навреди до новинарските екипи за медиумското покривање на судењето.

„Пре пре превисока е“, изјави Ангелов на заминување од судот.

Незадоволните страни имаат право на жалба на пресудата во рок од 15 дена од денот на приемот на пресудата.

„Пресудата за Ангелов е втора пресуда за насилствата во собранието од крвавиот четврток на 27 април. Со првата пресуда девет лица беа осудени на условни казни за кривичното дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.

Министерката Шекеринска на завршниот збор за процесот истакна дека правдата нема да биде задоволена додека организаторите, оние кои ги отворија вратите на Собранието и поттикнаа на насилство не одговараат. До сега обвинителството ги нема повикано пратениците кои ги отворија вратите Мукоски, Василевски и Тарчуловски.


Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.