ДИК ќе подготвува локални избори со двајца членови обвинети за изборни нерегуларности

20.08.2017 | 18:07
Прочитано: 5507

Бедредин Ибраими не планира да се повлече од функцијата член во Државната изборна комисија пред изборите, иако СЈО го обвинува дека пред 4 години токму за локалните избори ја злоупотребил службената положба и учествувал во изборни нерегуларности. Ибраими во телефонски разговор за ТВ 24 беше категоричен во ставовите и вели не гледа причина зошто да се повлече. Од друга страна, неговиот колега Сашо Срцев, кој е предложен од ВМРО-ДПМНЕ  не одговори дали планира да се повлече од функцијата. По завршувањето на денешната седница во ДИК, Срцев го избегна нашето прашање.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски вели дека не е во негова надлежност разрешувањето на членовите и не сакаше да коментира како и дали ДИК ќе носи одлуки без политичко влијание, со двајца обвинети за злоупотреба на службената положба.

Според Изборниот законик, разрешувањето е во раце на Собранието и за тоа е потребно 2/3 мнозинство, но засега пратениците се на годишен одмор и нема никакви најави. Постои можност  тие сами да се повлечат или на предлог на комисијата.

„Државната изборна комисија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови може да даде предлог до Комисијата за прaшaњa нa изборите и именувањата на Собранието, за разрешување на нејзин член поради нестручно и несовесно вршење на функцијата“, пишува во Изборниот законик.

Токму поради страв дека би можеле да го повторат делото СЈО, бараше мерки на претпазливост за Срцев и Ибраими, кои заедно со мерките за останатите обвинети во Титаник 2, беа одбиени и од Кривичниот суд и од Апелација.

Обвинението против двајцата актуелни и двајца поранешни членови во ДИК произлезе од прислушуваните разговори со кои располагаат обвинителите на Катица Јанева. Во една од објавените бомби се слушаше како Тачи на својот сопартиец во ДИК, Бедредин Ибраими му  нарачува како да гласа за приговор за
 изборни нерегуларности, по претходен разговор со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.