Дипломатите и експертите бараат итно формирање влада

20.03.2017 | 18:48
Прочитано: 11893
Македонија е пред формирање нова Влада и никакви нови пржински договори не се опција за земјава.
Ова е главната поента на дел од дипломатските претставници и експертската јавност во земјава, откако Никола Груевски во вчерашното интервју најави дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува документ за излез од кризата кој на маса ќе го стави и на утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан.
 
Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние денеска рече дека Македонија треба да остане на патот кон ЕУ и НАТО и за тоа е потребна одговорна влада што ќе биде способна да донесува одлуки и реформи и политичари со чувство за општ интерес на земјата.
 
„Една влада е во очекуање на создавање и важно е таа одлука да се донесе бргу, зошто една земја не може премногу да чека. Потребна е одговорна влада за донесување на одлуки и реформи.“ - изјави Кристијан Тимоние, амбасадор на Р. Франција.
 
Неодамна и американскиот амбасадор Џес Бејли но и портпаролката на Европската унија Маја Коцијанчиќ укажаа дека нема потреба од нови договори, туку да се спроведе постојаниот Пржински договор. Со ваков став е и професорот Перо Димшоски.
 
„Не се сите негови ставки спроведени, имаше избори, сега треба да се формира влада и таа да ги исполни тие заклучоци на Пржинскиот договор, меѓу кои се извештајот на Прибе и евроатланските интеграции и да работи кон тоа.“ - изјави Димшоски.
 
Груевски не пропушти и овој пат да ја критикува меѓународната заедница. Тој рече дека, странците гледаат на Македонија како непланирано вонбрачно дете. Амбасадорот на Финска за Македонија, Перти Иконен истакна дека земјава треба да ја гледа својата иднина во Европската унија.
 
„Сето ова се темели врз вредностите на едно општество, а тие вредност се гледааат во повеќе аспекти и елементи и ние имаме такво опшѓтетство со нордиски вредности кои ги има прифатено и Европа.“ - изјави Перти Иконен.
 
Груевски во интервјуто покрај другото рече и дека со платформата на некој начин државата е нападната и дека ВМРО-ДПМНЕ не можат сами да ја одбранат. Јас и порано повикав дека народот треба да ја брани, рече тој алудирајќи на неговата претходна изјава во која тој го повика народот да не седи дома во влечки и да излезе на протести.
 
Професорот Димшоски вели дека право на протести има секој и со тоа да си го каже своето мислење, но вели, народот исто така се изјасни и на изборите и постои мнозинство кое сега треба да формира влада.
 

Светлана Унковска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.