ЕЛЕМ склучи нова зделка со Трансмет на Сеад Кочан, додека за него имаше потерница

19.05.2017 | 18:53
Прочитано: 10488
Машинеријата на команијата „Трансмет“ на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан повторно ќе работи за државната компанија ЕЛЕМ, а машините ќе одат во РЕК Битола. Државните електрани склучиле договор вреден 2,5 милиони евра со повеќе фирми, од кои „Трансмет“ добила околу 150 илјади евра.
 
Договорот меѓу ЕЛЕМ и „Трансмет“ е склучен во време кога Кочан беше надвор од државата и за него имаше распишано потерница, а тој повеќе од два месеци беше недостапен за МВР.
 
Во случајот „Труст“, во кој се осомничени „Трансмет“ и Кончан, СЈО ги товари дека со лажна документација добиле тендер од државната ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Сега ЕЛЕМ повторно и дава бизниси на истата компанија. Од ЕЛЕМ велат нема ништо спорно. 
 
„АД ЕЛЕМ спроведува постапки за јавни набавки согласно Законот за јавни набавки и тие се во целост  транспарентни и недискриминаторски за сите учесници. Сите економски оператори имаат еднаков третман, впрочем, како што децидно е предвидено во законската регулатива.  Како договорен орган, АД ЕЛЕМ, има обврска во целост  да го почитува законот за јавни набавки и компанијата при спроведување на  секоја постапка  исклучиво се води според законската регулатива, избира економски оператори  кои  ги исполнуваат условите предвидени во  тендерската документација и имаат најповолни понуди. Станува збор за оглас за јавна набавка, објавен кон крајот  на 2016 година, за која процесот на евалуација е спроведен на почетокот на 2017 година.“, се наведува во одговорот на ЕЛЕМ.
 
Од Специјалното јавно обвинителство кое на крајот на февруари објави дека „Трансмет“ и бизнисменот Кочан се под истрага велат дека нема да го коментираат договорот. 
 
За поранешни антикорупционери, пак, ваквиот договор е спорен. Државните органи, велат тие, треба да се воздружуваат од склучување на договори со фирми кои се под истрага. 
 
„Според мене не би требало, додека трае истрагата државните органи, институциите како ЕЛЕМ, кои се под капата на државата би требало да внимаваат во овој дел, во време кога Специјалното јавно обвинителство ги има и замрзнато сметките. Фирма која веќе ги фалсификувала податоците за учество на тендер по автоматизам би требало да се отфрла од учеството за јавната набавка во соодветната компанија затоа е што директно позана со ЕЛЕМ“, вели Муса.  
 
Според Законот за јавните набавки, забрана за учество во постапките за доделување договори за јавни набавки се однесува на економскиот оператор кој има негативна референца. „Трансмет“ во овој момент нема негативна референца. 
 
„Трансмет“ е со блокирани сметки и недвижен  имот од десети овој месец, но компанијата нема забрана за вршење на работа. Во меѓувреме, СЈО поднесе жалба на одлуката на судијката на претходна постапка која не го прифати барањето за притвор и му го одзеде пасошот на Кочан и гаранција од речиси 900 илјади евра дека нема да бега. 

Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.