Еврообврзница од 500 000 000 евра

12.01.2018 | 20:03
Прочитано: 3230

Македонија се задолжи со половина милијарда евра кај инвеститори од Европа и САД за да исплаќа поголеми плати во образованието, здравството и Армијата предвидени со Буџетот за 2018 година. Со издавањето на еврообврзницата која има рок на доспевање од седум години, министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека ќе се покрива и дел од доизградба на железницата, автопатиштата, но и за гасификација. Според Тевдовски за прв пат во историјата каматата за еврообврзнивцата е пониска од предвидениот економски раст за годинава што значи дека растот ќе ја јаде каматата, а парите се очекува да легнат на сметка на државата за една недела.

„Македонија успешно издаде еврообврзница со историски убедливо најниска каматна стапка од 2,75 проценти. Интересот на инвеститорите беше огромен, тие беа подготвени да вложат над три ипол милијарди евра. Ова е најцврст можен доказ  дека меѓународните инвеститори веруваат во перспективите на македонската економија и долгорочната стабилност на земјава. За споредба претходните пет еврообврзници беа издадени по значително повисоки каматни стапки кои се движат помеѓу 3,975 проценти и 9,875 проценти“, вели Драган Тевдовски - министер за финансии

Според Министерот дел од новото задолжувањето ќе се искористи за враќање на стари долгови, но со нова поповолна каматна стапка.

„На 29 јануари ќе се отплати првата рата одПБЏ кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра. Пред време вративме една третина од еврообврзницата  од 270 милиони  евра  издадена во 2015 година  која достасува во декември 2020 година“, вели  Драган Тевдовски - министер за финансии

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение, реагираше на издавањето на еврообврзница. Според опозицијата  СДСМ која самата велеше дека земјата е пред банкрот ќе го качи јавниот долг на Македонија над 50 отсто.

„Од нова година до сега, за неполни две недели, тајно, зад затворени врати, црното економско трио на СДСМ Заев, Тевдовски и Анѓушев ја задолжија државата за преку 570 милиони евра. За само 12 дена секој граѓанин во Република Македонија, благодарение на СДСМ должи нови, приближно 300 евра. Заев, Тевдовски и Анѓушев на едно четиричлено семејство за Нова година му подарија нов долг од приближно 1.200 евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Според опозицијата Владата на СДСМ од своето доаѓање до денес ја задолжи државата за 1.3 милијарди евра.

Од вкупно шест еврообврзници четири се издадени во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а останатите две, првата и последната се со потпис од министри на СДСМ. 


Ирена Смиљанска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.