Фитнес апликација открива доверливи податоци за американски војници

30.01.2018 | 13:27
Прочитано: 1527

Фитнес апликацијата „Страва" преку мапирање им открила на корисниците доверливи податоци за движењето на американските војници во базите во Сирија и Авганистан, а веројатно дури и кога оделе на патрола со што ги довела во опасност.

Се работи за безбедносни пропусти на компанијата што ја произведува апликацијата. „Страва" користи мобилен ГПС и така ги следи корисниците кои ја употребуваат за да водат сметка колку километри поминале во трчање, велосипедизам или едноставно при движење. Врз основа на тие податоци, како и оние од фитнес нараквиците како што се „Фитбит" и „Џобоун", се креира мапа на движење на корисниците, пренсува Би-Би-Си.

Но, 20-годишниот австралиски студент Нејтан Русер прв предупреди на безбедносниот пропуст во апликацијата, кој може да го злоупотребат терористичките и герилските групи во воените зони каде дејствуваат американските војници. На мапите што тој ги објави на Твитер јасно се гледаат зони на движење околу базите на САД, но и патролните рути во Сирија, како и во Јемен, Нигер, Авганистан и други земји.

Со помош на овие мапи, герилските групи можат да испланираат минофрлачки или други напади врз воените бази. На сличен начин, може да се утврдат линиите на движење на британските војници во база на Кралското воено воздухопловство на Фокландските Острови.

Програмата моментно има околу 27 милиони корисници во целиот свет, а мапата објавена во ноември го покажува движењето на корисниците од 2015 до крајот на 2017 година, но не во реално време.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.