Македонија го празнува Денот на антифашистичкото востание

11.10.2017 | 13:42
Прочитано: 786

Седумдесет и шест години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна денеска во Македонија ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.

Централниот настан ќе се одржи претпладне пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, во дворот на Владата. Венци со цвеќе пред споменикот ќе положат делегации на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски, на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, на Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, делегација на АРМ предводена од заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, како и други делегации на државните институции и од дипломатскиот кор.

Предвидени се и кратки обраќања на Стојановски, Заев и Рацај, како и настап на Воениот оркестар на АРМ.

Владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјата во Прилеп и Куманово - градовите во кои во 1941 година почна народниот отпор против фашизмот.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.