Министерот за финансии на пат, земјоделците чекаат субвенции

19.04.2017 | 18:37
Прочитано: 8329
Министерот за фининасии Кирил Миноски е на пат во Америка, дознава телевизија 24, а земјоделците и  денеска пред шалтерите во банките ги чекаат парите. Но пари нема, затоа што налозите потпишани од директорот на Платежната агенција и натаму се заглавени во фиоките во Министерството за финансии.
 
Земјоделците не отстапуваат од барањето за итна исплата. Бараат до лично да се соочат со министерите Миноски, Цветков и директорот на Платежната агенција Златков. Ако до понеделник нема средба, во вторник излегуваат на протести.
 
Министерот за земјоделство Михаил Цветков за телевизија 24 вели дека е во контакт со земјоделците и штом се врати министерот Миноски од пат ќе побара средба.
 
„Министерот за финансии Миноски се враќа во понеделник и јас веднаш ќе побарам средба за да се најде решение за исплатата.Не верувам дека нема пари во Буџетот за исплата на субвенциите. Претпоставувам дека сега проблемот е што одговорните службеници во финансии се плашат дека ако потпишат ќе сносат одговорност и ќе го прекршат Изборниот законик, иако тоа не е така. Треба да видиме што е проблемот и кои се тие меродавни институции кои ќе уверат дека нема да сносат одговорност“, вели Цветков. 
 
Дел од поранешените антикорупционери сметаат дека и покрај позитивното мислење од Антикорупциската комисија дека нема законска пречка за исплата, сепак тоа мислење не го менува законот, и секој што ќе стави потпис може да одговора.
 
„Може да имаме мислење од комисијата кое е поинакво, но тоа не значи дека лицето кое што ќе постапи спротивно на закон ќе биде ослободено од одговорноста“, изјави Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија.
 
Исплатата на субвенциите е блокирана речиси седум месеци..Прво проблемот беше во Изборниот законик, па директорските смени во Платежната агенција, а сега исплатата е закочена во министерството за финансии. Од финансии и денеска молчат зошто не се исплаќаат парите за земјоделците. Вкупно треба да се исплатат 92 милиони евра, сума во која има субвенции за 2014,2015 и 2016 година.

Соња Јанковска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.