Нови закони за служба во администрацијата

23.09.2017 | 19:13
Прочитано: 10215

Новите директори на државните институции не мора да знаат странски јазик. Во процедура се измени на низа закони кои го уредуваат вработувањето, а во нив, идните директори ќе имаат рок од една година да научат англиски или некој друг меѓународен јазик. За директорите ќе се укине и полагањето на психолошкиот тест.

„Психолошкиот тест е често користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидати за определени работни места, но проблем претставува фактот што во Република Македонија не постојат овластени правни лица кои располагаат со соодветен стручен кадар за развивање на соодветни психолошки тестови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица“ се вели во новите измени.

Познавањето на странски јазик нема да биде услов за вработување ниту за административните службеници. Во процедура се измени и на Законот за административни службеници, со кој познавањето на странски јазик се става во мирување до март следната година. Новите службеници кои допрва ќе се вработат ќе треба да го положат испитот за административни службеници, со кој ќе се проверува и познавањето на странски јазик, најдоцна до септември следната година. При вработување  нема да се прави проверка на  интелектуалниот капацитет на новите административци, ниту пак тие ќе полагаат тест на личност. Се трга и забраната за брзо напредување во кариерата.

„Сегашното ригидно решение согласно кое административен службеник може на интерен оглас да се унапреди само во едно повисоко ниво доведува до неможност за кариерен развој на административни службеници кои подолго време се на најниски нивоа во рамки на категоријата“.

Новите измени на Законот за административни службеници се предложени од Министерството за информатичко општество и администрација. Ќе повлечат промена на други 130 закони.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.