Прогласена вонредна состојба во Вирџинија пред одржувањето на десничарскиот марш

12.08.2017 | 19:55
Прочитано: 2371

Градските власти на Шарлотвил, во американската сојузна држава Вирџинија, прогласија вонредна состојба, пред најавениот голем марш на „обединетата десница“ и на белите националисти.

„Ваквата одлука на властите им овозможува употреба на дополнителни полициски сили, доколку има потреба потреба“, изјави претставник на локалната полиција.

Тензиите во овој град се максимално зголемени, бидејќи се очекува повеќе стотина припадници на крајната десница, да се соберат на протест, против планот на локалните власти, од еден плоштад во градот, да се тргне споменикот на генералот на силите на Конфедерацијата ( на Југот) во граѓанската војна во САД, во средината на 19 век, Роберт Ли.

Во оваа војна од пред 155 години, генерал Ли ги предводел силите кои биле против укинувањето на ропството на кое било изложено црнечкото население на Југот во тогашна Америка.

Тензиите во овој град се зголемени и затоа што е најавен и контра марш и протест на анти-десничарските и антирасистичките групи.

Кризата во овој град кој е мета на домашни и странски туристи поради историјата уште од времето на населувањето на Америка и од времето на борбата за ослободување од британското колонијално ропство, ја предизвикаа стотина бели националисти кои доцна синоќа минаа низ Универзитетот во Шарлотвил.

Тие носеа запалени факли и извикуваа антисемитски и расистички пароли.

Градоначалникот на Шарлотвил го осуди синоќешниот марш означувајќи го како расистички и „парада на омразата“.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.