Рибарев на отчет во Судски совет за претресот кај Панчевски

11.10.2017 | 17:01
Прочитано: 2628

Привремениот претседател на Кривичен суд Стојанче Рибарев давал отчет во Судскиот совет за претресот кај Владимир Панчевски, дознава тв 24 вести. Судијата Рибарев бил повикан во советот како директен сведок кој присуствувал на претресот во кабинетот на Панчевски додека СЈО бараше информации и докази за предистражната постапка која ја води против поранешниот претседател на скопска единица.

Советот го повикал Рибарев, по известувањето на Панчевски во кое се жали дека специјалните обвинители постапувале незаконски при претресот и била употребена физичка сила врз него. Рибарев не беше достапен на неговиот телефон за да образложи што им кажал на членовите од судскиот совет. СЈО претхоно ги демантираше тврдењата на Панчевски и вели дека претресите биле спроведени законски.

Претседателот на Судски совет ја потврди информацијата дека имало состанок за случајот Панчевски, но дали има и кои се заклучоците не открива.

„Добиено е известувањето од судијата Владимир Панчевски и заради итноста имавме работен состанок и сите членови се запознати со случајот. Повеќе информации засега не можам да споделам.“ - вели Караџовски.

Нашите извори брифираат дека Караџовски и дел од членовите детално го разгледвале и налогот кој гевгелискиот суд го одобри за да се изврши претрес кај Панчевски. Според СЈО налогот воопшто не е спорен и е добиен од суд кој има иста надлежност како Кривичен, за делата кои му се ставаат на товар на Панчевски.

Налог за претрес Катица Јанева не побарала од скопскиот кривичен суд стравувајќи дека информацијата може да стигне до Панчевски кој таму е актуелен судија и би можел да уништи евентуални докази за постапката која се води против него.

СЈО го сомничи Панчевски за злоупотреба на службената положба, помагање во извршување на криивчно дело и оддавање на службена тајна. Првичните информации на специјалните обвинители се дека Панчевски давал доверливи информации за нивните сведоци и осомничени, на лица надвор од судот. Дали тоа е претседателот Ѓорге Иванов кој ги барал имињата за да го состави списокот за аболиција, засега останува само шпекулација.

СЈО испитува и дали Панчевски како шеф на скопска единица го изигрувал АКМИС системот и овозможил местенки кај подобни судии. Во меѓувреме, евентуални злоупотреби на електронскиот систем бараат и експерти од министерството за правда. Се анализира дали се местеле предмети во изминатите две години.


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.