Се екипира економскиот тим - кој во која фотелја ќе седне?

18.05.2017 | 20:20
Прочитано: 48090
Во исчекување на официјалните имиња кои ќе бидат фронтмени на економскиот тим на новата влада, во јавноста се шпекулира со повеќе имиња. Меѓу нив, стопанственици, универзитетски професори, остри критичари на власта во заминување. Имињата иако не се сè уште официјално потврдени, она што е сигурно дека новиот регрутиран економскиот тим ќе се соочи со големи предизвици. 
 
„Нашите препораки нема да се променат, тие ќе останат исти бидејќи нашата цел е даваме поддршка сè со цел вашата држава да пристапи кон Европската унија“, изјави Никола Бертолни, делегација на ЕУ.
 
За ресорот финансии, доколку остане во рацете на СДСМ, тогаш во игра за клучни позиции во ова министерство се Кире Наумов, кој беше и дополнителен заменик министер во финансии, како и Драган Тевдовски, професорот на економскитот факултет и претседател на комисијата за економија во СДСМ. 
 
Иако во игра се повеќе опции, не е исклучено Љупчо Николовски пратеничката фотеља да ја замени со министерска во ресорот земјоделство, каде претходно во време на техничката влада беше заменик министер.
 
Според информациите, министерството за економија останува во рацете на ДУИ. Се шпекулира дека Изет Меџити, градоначалничката фотеља во Чаир ќе ја замени со министерска во економија.
 
Новото парламентарно мнозинство ќе треба да даде зелено светло чиј кадар ќе раководи со Министер за транспорт. 
 
Бизнисменот Кочо Анѓушев најверојатно ќе биде идниот вицепремер за економски прашања. Решението за оваа позиција следува по идејата стопанственик да го претставува бизнис секторот, и тоа по предлог од стопанските комори.
 
Освен клучните економски министерски позиции, кои сега се преговараат, по формирањето на владата ќе бидат одредени и имиња на директорите во институциите и јавните претпријатија. Додека, пак, бројни имиња се во игра за одредени високи позиции и од акадмескиот естаблишмент. За една од клучните позции во економскиот ресор се споменува и универзитетскиот професор Крсте Шајновски.Од власта во заминување уверуваат дека ќе има мирен трансфер.
 
„Доколку се случи примопредавање и формирање на нова Влада, секогаш јас како директор сум за позитивен пристап“, изјави Зоран Поповски.
 
Според роковите од доделување на мадатот, новиот мандатар има 20 дена да состави влада. Зоран Заев посочи дека очекува преговорите за формирање на владиниот кабинет да завршат многу порано од предвидениот рок, односно за десетина дена. 
 
Иако имињата официјално не ги потврдуваат од партиите, сепак она што е сигурно е дека екипирањето на економскиот тим ќе зависи од договорот на парламентарното мнозинство и поделбата на ресорите.

Марина Узунов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.