Скопје заработило 20 милиони евра од „Супер - купот”

09.08.2017 | 17:27
Прочитано: 12627

 

Околу 20 милиони евра оставиле странските но и домашните навивачи во Скопје во неколкудневната фудбалска еуфорија пред и за време на натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Оценките и на домашната и на меѓународната експертска јавност се дека Македонија се покажала како добар домаќин . И од ФФМ денеска велат се задоволни од тоа како поминала целата организација околу натпреварот во чии дух живееше градот. Од таму тврдат дека земјава е во добра насока да биде повторно организатор на вакви фудбалски спектакли.

Она што се случи вчера ни дава мотив и поттик повторно да работиме натаму и она што ќе го кажам е дека ние нема да застанеме тука, дека со ваков тим ФФМ ќе аплицира и за други проекти во поскора иднина за да може да се организираат“, вели Филип Поповски од ФФМ.

Градските власти пак од својот буџет издвоиле околу 200 илјади евра за организација од кои најмногу за неутралната фан зона на која продефилирале околу 100 илјади граѓани . Секако тука беа и фан зоните на двете екипи. Градоначалникот Трајановски пак се огради од забелешките на граѓаните бидејќи натпреварот не се пренесуваше на видеобимот на градскиот плоштад. Изрази жалење што немало пренос но вели тоа не било под нивна надлежност.

Градот Скопје никогаш нема кажано дека ќе има пренос на видео бимот кој што е на плоштадот Македонија, напротив него го има закупено еден од спонзорите на УЕФА купот, мислам дека е Пепси. Така да УЕФА одлучува дали ќе има или не на тој екран. Мене навистина ми е жал што немало пренос“, вели Коце Трајановски Градоначалник на Град Скопје.

Со очекување дека Скопје ќе се најде на листата на организатори на вакви натпревари , но и најавувајќи ја летната програмска шема на проектот Супер Скопје Трајановски на новинарско прашање потврди дека повторно ќе се кандидира за градоначалник на престојните локални избори.

Дека натпреварот меѓу Реал и Манчестер поминал мирно и за фановите на двете екипи синоќа информираа од Министерството за здравство.

На Клиниката за токсикологија не е примен ниту еден пациент, во службата за Итна медицинска помош не се регистрирани колапси, а само еден странски државјанин со скршеница на рака е транспортиран во Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски“, велат оттаму.

Исто така, и од Ургентниот центар во комплексот клиники информираат дека ноќта поминала мирно и без зголемен број интервенции.

Оваа состојба, додаваат од Министерството за здравство, покажува зголемена свесност кај граѓаните и почитување на здравствените препораки.


 


Гаврил Сирачевски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.