Советот за факти контра претседателот на Врховниот суд, Вангеловски

13.09.2017 | 17:42
Прочитано: 2933

Вангеловски не ги пуштил членовите на Советот за факти во Врховен за да направат увид во предметот за бегалците Грујевски и Бошкоски. Претседателот на Советот, Сашо Поцевски вели дека неколку часа чекале во ходникот иако една недела однапред најавиле дека ќе дојдат за да проверат дали и некој од судиите од Врховен има одговорност за бегството на поранешниот началник на петата управа и неговиот соработник.

За спречувањето на Советот да си ја изврши својата работа Поцевски најавува и кривична против Вангеловски.

„Претседателот на Врховниот суд по телефон го повика Претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, се додека на судот не му биде доставен основот поради кој Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејствие, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе сносиме последици“, велат од Советот.

Вангеловски пак контра Поцевски. Советот не бил пуштен во судот поради безбедносни и технички пречки, односно одржување на јавна седница за доживотна казна затвор, за што Советот бил навремено известен. И Вангеловски најави кривична за Поцевски поради оддавање на доверливи информации.

„Советот беше навремено известен дека денеска нема да може да направат увид и треба писмено да го образложат барањето за пристап до предметот. Изнесувањето во јавноста на преписката помеѓу Врховен и Советот, што е доверлива информација, е кривично дело“, вели Вангеловски.

Поцевски го обвини Вангеловски дека и претходно ја опструирал работата на Советот што според првиот човек на Врховен е лага. Додека Советот утврдува дали некој од судиите погрешиле при одлучувањето за притворот за Грујевски и Бошкоски тие речиси два месеци се во бегство. Грујевски треба да седне на обвинителна клупа за предметот „Тврдина 2“ на крајот на овој месец. Со него обвинети се уште шест службенички во УБК за фалсификување на документи со кои го прикриле уништувањето на системите за следење на комуникациите. Од СЈО велат дека обвинителите ќе ги искористат сите законски можности за да може судењето да продолжи и без Грујевски.

 


Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.