Тринаесет пливачи од шест земји учествуваа на Охридски олимписки маратон

13.08.2017 | 09:50
Прочитано: 2434

Тринаесет пливачи од шест земји денеска ги брануваа водите на Охридското езеро како дел од првиот 10 - километарски меѓународен олимписки маратон единствен досега  во македонската спортска историја. На патеката со старт од градското пристаниште до хотелот „Милениум“  триумфираше Бугаринот Венцислав Ајдарски, второто место го освои Холанѓанецот  Марсел Шутен а на третата позиција се искачи младиот македонец Александар Илиевски.

Тројцата беа закитен со медали од страна на олимпискиот комитет.

„Горд сум што прв стигнав до целта, се вложив максимално. Водата беше одлична чиста, организацијата на ниво езерото е едно од најубавите за вакви натпревари. Се чувствувам многу добро после трката, посакувам следните години да има што повеќе натпреварувачи и да биде што појак маратон“, вели Ајдарски.

Во женска конкуренција најдобра беше Бугарката Василики Кадоглу која прва успеа да стигне до целта. Маратонот во организација на македонскиот олимписки комитет и пливачкиот клуб Охридски бранови  има за цел да му помогне на  Охрид да ја збогати туристичката понуда со нова пливачка трка под отворено небо, која претендира да стане дел од Светскиот куп на Меѓународната пливачка федерација ФИНА, но и да биде место каде би се одржувале квалификации за пливачи за учество на олимпијадата во Токио 2020 година, велат организаторите.

Наредниот викенд  е резервиран за  главниот Охридски Маратон  на кој ќе пливаат учеснците на Гран при серијата од Св. Наум до Охрид но сега на патека од  25 км. Според организаторите за главниот маратон има десетина пријави, а се очекува да настапат вкупно 20 учесници во две конкуренции машка и женска.

Рокот за пријавување завршува денеска, а се очекува повторно учество  на досегашните редовни учесници меѓу кои Дамјан Блаум, Гзавје Дешарне, Едоардо Стокино како и нашиот Евгениј Поп Ацев. Наградниот фонд за пливачите оваа година е 10 илјади долари.


Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.