Во Брисел средба Нимиц-Коѕиас

17.07.2017 | 17:37
Прочитано: 1262
Новата влада во Скопје има покоректна комуникација, но сепак ништо суштински не е сменето, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервју за „Еуроактив“, пред состаноткот на министрите за надворешни работи во Брисел.
 
Коѕиас додал дека за време на посетата на Скопје во август, со македонскиот колега Димитров најверојатно ќе разговара и за спорот за името, а европските колеги ги предупредил и на односот кон премиерот Заев.
 
„Им порачав на своите пријатели во ЕУ да не создаваат „втор Груевски“, затоа што Заев ги има сите услови да разбере и да се отвори кон реално решение“ - изјави тој.
 
Највлијателниот европски весник за надворешни работи „Њу Јуроп“ во меѓувреме во своја анализа вели дека САД се во особено силна позиција да ја убедат владата на Ципрас во Атина да се придвижи кон брзо решение. Се вели дека премиерот Ципрас наскоро ќе го посети Вашингтон, па напредокот во спорот околу името ќе биде важно регионално прашање и на врвот на агендата. 
 
„Во минатото, практично секоја мисија на Метју Нимиц беше цврсто координирана од Вашингтон. Иако играчите во Стејт департментот се менуваа низ годините, нема причина да се мисли дека тесната координација не се случува и дека тој не работи на планирање на средби на високо ниво на маргините на Генералното собрание во септември, и покрај малите  очекувања за брзи резултати изразени кога тој беше во Скопје.“
 
И домашните аналитичари велат дека после новиот приод на Скопје и Атина постои оптимизам.
 
„Во политиката се е можно, омекнување, Грција тоа го разбира затоа што  и самата земја се наоѓа во тешка финансиска ситуација.“ - изјави Љупчо Арсовски, поранешен амбасадор во Грција.
 
И додека Коѕиас и Нимиц во Брисел денеска разговараат околу спорот, десничарката Европска народна партија вели дека е задоволна од новата политика меѓу Македонија и Грција и дека двете страни целат кон отклучување на патот на Скопје кон ЕУ и НАТО.

Сеад Ризвановиќ
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.