АД ЕСМ потпиша договори за деловно-техничка соработка со Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје и со АД Скопје Север
Foto

АД ЕСМ потпиша договори за деловно-техничка соработка со Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје и со АД Скопје Север

По донесување Одлука од страна на Владата на Р. Северна Македонија и одобрување на текстот на договорите, АД ЕСМ од 22 јануари 2022г. влезе во привремено управување на Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје и на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода АД Скопје Север во стечај.

АД ЕСМ потпиша три договори за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на Балкан Енерџи, (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, Балкан енерџи нема да смее да врши исплати и да склучува договори.

Средствата кои АД ЕСМ ќе ги добие од Владата на Р. Северна Македонија за справување со кризата со снабдување со топлинска енергија, ќе ги уплатува повремено, во потребни износи, на наменската сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори согласно договорот и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.

Средствата од 6 милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес.

Балкан енерџи секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои му пристигаат на неговите други сметки.

Додека трае договорот за деловно-техничка соработка, Балкан енерџи ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и со согласност и врзан потпис од прокуристот.

Балкан енерџи гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на Балкан енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023г, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона.

АД ЕСМ ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.

Владата го задолжи АД ЕСМ да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во градот Скопје со оглед на тоа што АД ЕСМ е најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. АД ЕСМ, исто така поседува свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје, и оттука располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.

Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија.

0 Коментари

Остави коментари