Цели три одделенија помалку деца во Велес
Foto

Цели три одделенија помалку деца во Велес

Речиси три одделенија помалку првачиња од лани се запишале во велешките основни училишта за следната учебна година. Велешкото основно образование годинава има 13 проценти помалку првачиња од лани или недостигаат точно 66 деца. Овој тренд на намалување трае континуирано со години.

Фрапантно е што бројот на првоодделенци се преполовил во последните 35 години. Причината за намалувањето социолозите ја гледаат во нарушените семејни вредности, миграцијата, но и сиромаштијата во која живее дел од населението.

Одливот на ученици е уште поголем во средното велешко образование. Таму во моментов недостигаат дури 80 полуматуранти во однос на лани. Во најнезавидна положба е средното економско училиште, во кое досега се запишани само 14 ученици или дури 38 помалку од минатата година. Хеско вели дека училиштата мораат да ги ротираат образовните профили, за да не се доведат во ситуација да немаат ученици.

Најголем интерес за учење средно има во двете стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“, во кои се запишани речиси две третини од вкупниот број полуматуранти.

Од Општина Велес велат дека бројот на запишани ученици во прва година, посебно во средното економско сепак ќе се зголеми, бидејќи во август се очекува да се примат и оние со послаб успех, кои во првите уписни рокови не ги исполнија критериумите.

Средното образование во земјава е задолжително, но според бројките, овој проект, велат експертите, не го дава очекуваниот ефект. Поради намалување на бројот на деца, во последните 15 години во Велес згаснаа две основни училишта.

0 Коментари

Остави коментари