Едно лице загинало, а седуммина се повредени во несреќа на патот Гостивар-Кичево
Foto

Едно лице загинало, а седуммина се повредени во несреќа на патот Гостивар-Кичево

Едно лице го загубило животот, а уште неколку се повредени во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Гостивар-Кичево. Сообраќајот е во прекин поради увид.

Според информациите на СВР Тетово, сообраќајната несреќа се случила денеска околу 15 часот и 30 минути.

Во СВР Тетово е пријавено  дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на Новоселските гробишта, се случила сообраќајна несреќа. Во неа учествувале три моторни возила: џип „мерцедес”, патничко возило „бмв” и камионет.

Од повредите здобиени при сударот едно лице од камионетот починало на местото на несреќата, а седум лица се пренесени во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад ” за укажување на лекарска помош.

Засега нема информации како дошло до несреќата и што ја предизвикало. Во моментов јавен обвинител и екипа од ОВР Гостивар вршат увид.Од 15 и 30 часот во прекин е сообраќајот во двете насоки. Од СВР Тетово посочуваат дека денеска во рамки на акцијата за контрола на брзина на сообраќајот во полошкиот регион, биле изречени 86 мерки.

Зоран Милески - Кичеец, кој издржува затворска казна за случајот „Рекет“ во затворот во Струга, според болнични извори, е еден од учесниците во сообаќајната несреќа, јави МИА.

За тоа како Кичеец се нашол на слобода официјално од Управата за извршување на санкции велат дека тој користел 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи.

- Со одлука на Управата за извршување санкции, лицето Зоран Милески користи 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи. Определеното време за медицински испитувања е од 08.08 до 08.09, се вели во одговорот од Управата.

Милески казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга.

- Тој веќе има издржано повеќе од половина од затворската казна и до 08.09 треба да се врати на доиздржување на затворската казна, се нагласува во официјалниот одговор на Управата.

0 Коментари

Остави коментари