Кочанските активисти најавуваат нови протести против мала хидроцентрала
Foto

Кочанските активисти најавуваат нови протести против мала хидроцентрала

Граѓанските активисти од Кочани бараат да се откаже проектот за изградба на мала хидроцентрала над браната Гратче.

Ќе протестираат ако почне да се гради, но очекуваат да се разбудат и институциите и да го раскинат договорот со инвеститорот. Тоа што сега нема забележливи активности на терен, за нив е затишје пред бура.

Поранешниот состав на кочанскиот Совет донесе неколку одлуки со што и официјално побара одземање на концесијата доделена во 2016-та. Имаше барања и за референдум. Се вклучи и обвинителството што утврди дека не постои законска пречка за изградба на мини хидроцентрала на Мала река. Новата локална власт прво ќе ги проучува документите па ќе носи одлуки.

„Тоа е жежок костен што го добивме во наследство. Прво ќе ја разгледам целокупната документација околу проектот па ќе донесам одлука дали ќе се продолжи со проектот или не“, вели за тв 24, Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани

Активистите сметаат дека дозволата за градба со услов да не го користат постојниот пат кон Гратче ќе го забави проектот, но неговата целосна реализација ќе значи смрт за животната средина и туризмот, што му носи профит само на инвеститорот.

Претходната година имаше најави дека дел од концесиите за изградба на мали хидроцентрали ќе бидат повлечени, но засега е потврдено  дека такви преговори се водат само за Шар планина.  Според ланското истражување на универзитетот „Нова“ од Лисабон енергијата во медитеранскиот регион што реално се користи од малите хидроцентрали е помала од еден процент. 

0 Коментари

Остави коментари