Негувателка од кумановска градинка позитивна на коронавирус
Foto

Негувателка од кумановска градинка позитивна на коронавирус

Негувателка од кумановската градинка е позитивна на коронавирус, потврдија денеска надлежните од јавната општинска установа „Ангел Шајче“. Негувателката работела во клонот „Детелинка“, во петокот воопшто не дошла на работа, бидејќи се пожалила на други здравствени проблеми, висок крвен притисок и крвавење од нос. За време на викендот направила тест кој и покрај нетипичните симптоми покажал дека е позитивна на вирусот. Извршена е и вонредна дезинфекција на тој објект.

– Од страна на детската градинка е постапено согласно алгоритамот за ваква состојба. Најпрвин стапивме во контакт со епидемиолог од кумановскиот центар за јавно здравје, го известивме ресорното министерство за труд и социјална политика и локалната власт. До епидемиолошката служба ги доставивме сите телефонски броеви на родителите на децата од таа група. Службата контактирала со секој поединечно од нив. Дел од родителите се изјасниле, дека ќе ги носат децата во градинката, бидејќи градинката ги презема сите мерки за заштита мерење температура, дезинфекција, пред секоја занимална, носење заштитна опрема, УВ ламби, појаснува директорката на установата, Марина Алексовска.

Согласно протоколот појаснува Алексовска, доколку има ваков случај не се затвора целиот објект, бидејќи учителките и негувателките од една група немаат никаков контакт со персонал од друга група, храната се носи во занималните, децата имаат контакт само со другарчиња од групата и со своите учителки и негувателки.

Таа појаснува дека креветчињата на децата се поставени спротивно, има двојни постелнини, децата од приемот до заминувањето седат исклучиво во своја група. Според протоколите на установата ако има позитивен случај во една група не се дозволува целиот објект да биде кластер.

0 Коментари

Остави коментари