Од ЕУ одобрен дигиталниот сертификат за Ковид-19, вчера 19 починати и над 1000 новозаразени
Foto

Од ЕУ одобрен дигиталниот сертификат за Ковид-19, вчера 19 починати и над 1000 новозаразени

Европската комисија вчера го одобри нашиот дигитален сертификат за Ковид-19. Нашата држава, како што информира Министерството за здравство, е прва во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

– Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ, соопшти Министерството.

Од Министерството вчера, меѓу другото, потенцираа дека стручните препораки во однос на имунизација против Ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази кои потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести како Европскиот и Американскиот Центар за инфективни заболувања (CDC и ECDC), од регураторните медициски агенции ЕМА и ФДА и од СЗО.

Препораките од сите овиe организации е дека за комплетна имунизација против Ковид-19 потребно е добивање на две дози (со исклучок на вакцината на Ј&J која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза.

– Прележувањето на Ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат, наведуваат од здравство.

Една од препораките е и дека временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.

Кај лицата кај кои во тек на лекувањето дадена е терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по три месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.

Премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за телевизијата „Сител“ изјави дека колку ќе расте бројката на вакцинирани, толку ќе паѓа бројката на заразени. Тој посочи оти мерките се неопходни за да се заштити колективното здравје.

Заев потенцира дека вакцинацијата е единственото решение да се победи пандемијата, при тоа наведувајќи дека најголем број на заразени има во средините каде што има најмалку вакцинирани.

Владината мерка за задолжително приложување на сертификат за примена најмалку една вакцина при влез во трговски центри, обложувалници, кафулиња и на разни настани и прослави, ја забрза имунизацијата, што беше и целта на Владата.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, прва доза вакцина завчера примиле 11.925 граѓани, а вкупно се вакцинирале 16.955 граѓани, со што заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 624.819 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.115.988 дози вакцини, а ревакцинирани се 491.169 граѓани.

Во текот на вчерашниот ден, од МЗ информираа дека е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните и посочија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренската вакцинација.

За закажување на термини за вакцинирање на децата отворен е сајтот vakcinacija.mk.

Општина Гази Баба, по барање на жителите, заедно со Здравствниот Дом Скопје – пункт за мобилна вакцинација, вчера спроведе теренска вакцинација во населеното место Раштак за старите и изнемоштени лица, при што вкупно аплицирани се 30 вакцини, прва доза, од производителот „Синовак“. За вакцинација се пријавиле и помлади жители, кој исто така имале можност да се вакцинираат.

Во последните 24 часа пријавени се 19 починати од Ковид-19, што е рекорден број од почетокот на четвртиот бран. Дури 11 од починатите се од Полошкиот регион, шест од Тетово и пет од Гостивар. Вчера беа евидентирани 1.158 нови случаи од направени 6.256 тестирањa и регистрирани 166 оздравени пациенти.

Од новите 1.158 случаи,  од Скопје се 353, Гостивар – 216, Тетово – 122 ,Кичево – 71, Струмица – 69, Куманово – 57, Струга – 42, Охрид – 30, Кавадарци – 26, Дебар – 20, Прилеп – 19, Штип – 15, Битола, Велес и Гевгелија – по 13, Кочани и Ресен – по 10, Свети Николе – 9, Кратово – 8, Пробиштип и Македонски Брод – по 6, Богданци – 5, Берово и Виница – по 4, Радовиш и Делчево – по 3, Валандово, Демир Хисар и Пехчево – по 2, Неготино, Крива Паланка, Крушево, Демир Капија и Дојран – по 1.

Од 19 починати лица: по 6 пациенти се од Тетово (54г,65г,74г,74г,79г и 84г), 5 починати лица од Гостивар(66г,66г,67г,69г и 71г), по 3 починати лица од Куманово (54г,78г и 85г) и по едно починато лице од Скопје (61г), Струмица(54г), Струга (60г), Свети Николе (83г) и Валандово (85г). Од починатите лица 18 пациенти се починати во болнички услови, а еден пациент е починат дома.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 2827 активни случаи, Тетово – 1555, Гостивар -1301. Следи Куманово со 540 активни, Кичево – 459, Струмица – 397,
Охрид – 241, Струга – 231, Дебар – 160, Битола – 159, Прилеп – 102. Во другите градови има под 100 активни случаи, а веќе нема град без позитивни на коронавирусот.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 165.684, бројката на оздравени пациенти е 151.401, на починати е 5.608, а бројот на активни случаи изнесува 8.675.

Засилувањето на новиот бран не ја менува одлуката на Владата, учебната година да почне од 1 септември со физичко присуство на учениците. Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера потенцираше дека највисок интерес на учениците е да бидат во училиште.

-Ние сега како земја се обидуваме да воспоставиме таков систем, по протоколи. Секако дека здравствената состојба на национално ниво или регионално ниво, општинско се менува и здравствената комисија ќе дава поинакви инструкции и ние како Министерство за образование и наука доследно ќе ги почитуваме нивните препораки, како досега така и од сега, нагласи Царовска.

УНИЦЕФ вчера ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата со физичко присуство за сите ученици од 1 септември.

Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабри ваквата одлука на Владата и истакна дека ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти. 

Не стивнуваат и реакциите за мерката за приложување на сертификат за вакцинација за влез во многу објекти и за присуство на настани и прослави. Сојузот на стопански комори (ССК) смета дека со новите мерки за заштита од ширење на КОВИД кои завчера стапија во сила, се предизвикуваат дополнителни проблеми поради нивната селективност и неспроведливост во пракса.

-Владата треба да појасни дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти кои се опфатени со забраната доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан КОВИД. Недореченоста на мерките од страна на Владата во незавидна положба ги става и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на ССК.

Според неа, исто така нејасно е и дали лицата до 18 години влегуваат во вкупната бројка од 30 лица која се дава како услов за воведување дополнителни мерки.

Реагираа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) од каде бараат државата итно и трајно да овозможи онлајн игри на среќа преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници. Пандемијата и мерките против Ковид, како што посочија, сериозно влијаат на работата на спортските обложувалници. Само изминатите два дена драстично е намален прометот во објектите.

Според Асоцијацијата на Инвент индустријата, Владата треба да има предвид дека активностите во дејноста организирање настани се планираат со недели однапред и не е едноставно да се менуваат правилата од денес за утре.

Оттаму прашуваат дали само посетителите на настан треба да поседуваат потврда за прележан КОВИД или вакцинација или се бара за сите вклучени во настанот (технички тим и учесници).

По примерот на другите земји, Асоцијацијата бара и да се дозволи влез на настани со потврда за негативен ПЦР тест, брзи тестови на влез, вклучително со останатите потврди кои се во сила.

Во светот досега се заразија над 210 милиони лица, од ковид починаа повеќе од 4,4 милиони, и оздравеле околу 189 милиони луѓе.

Во САД завчера биле регистрирани повеќе од илјада смртни случаи дневно или околу 42 фатални исходи од заразата на час, соопштија американските медиуми. Забележан е драстичен раст на смртноста од делта сојот на вирусот, што најмногу беснее во местата низ САД  со ниска стапка на вакцинација. 

Во изминатите четири недели во САД е забележан драстичен раст на смртноста со дневен просек од 769 случаи, што е највисока стапка од средината на април. 

Во Австралија најголем дневен раст на случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата. Вчера таму беа евидентирани 754 новозаразени, што најголем дневен раст на нови случаи на короинавирус од почетокот на пандемијата.

Нов Зеланд одобри употреба на Фајзер/БиоНТек за деца и адолесценти со цел да се сузбие ширењето на коронавирусот, соопшти денеска премиерката на таа земја Џасинда Ардерн.

Нов Зеланд од денеска е во строго „затворање“ откако беше идентификуван еден случај на локална трансмисија на вирусот, прв по речиси шест месеци. Кластерот во Окленд сега има 21 случај на инфекција, од кои 11 нови случаи се регистрирани во изминатото деноноќие..

Ардерн рече дека децата на возраст од 12 до 15 години ќе можат да примат вакцина против коронавирус Фајзер/БиоНТек. – Безбедно е и добро е да се направи тоа, рече Ардерн.

Претходно, вакцината беше одобрена за луѓе на возраст од 16 години и постари. Обезбедени се две дози со интервал од шест недели.

Со население од пет милиони луѓе Нов Зеланд ќе остане во строго затворање барем до сабота. Земјата досега имаше околу 2.580 случаи на Ковид-19 и 26 смртни случаи.

Истражување на Оксфорд покажува дека вакцината на Фајзер е поефикасна против делта сојот на коронавирусот отколку на Астра Зенека, но заштитата што ја обезбедува се намалува побрзо. Британската студија опфати 700.000 испитаници од декември 2020 година до август 2021 година.

Лицето кое добило втора доза на Фајзер пред еден месец, е 90 проценти позаштитено од делта сојот отколку невакцинирано лице, покажа анализата на примероците. Два месеца по примањето на втората доза, разликата се намалува на 85 проценти, а по три месеци на 78 проценти.

Вакцината на Астра Зенека, според истражувањето, обезбедува 67 проценти заштита по еден месец, 65 проценти по два месеца и 61 проценти по три месеци.

По четири до пет месеци, нивото на заштита обезбедено од Фајзер и Астра Зенека се изедначува, се наведува во студијата, која се уште не поминала рецензија. 

0 Коментари

Остави коментари