Од Кабул евакуирани сите наши граѓани, наскоро пристигнуваат и цивили од Авганистан
Foto

Од Кабул евакуирани сите наши граѓани, наскоро пристигнуваат и цивили од Авганистан

Сите наши државјани кои биле пријавени за евакуација од Кабул, веќе го имаат напуштено Авганистан. Наскоро се очекува и пристигнувањето на цивилното население кое треба да биде сместено во земјава. Според власта, прифаќањето на авганистанските цивили во земјава е прашање на принципи, вредности и хуманост, а за опозицијата погрешен потег е да се примаат многу повеќе бегалци од Авганистан од побогатите држави.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сите пријавени граѓани се евакуирани од Авганистан и се наоѓаат на повеќе локации. Во моментот, како што изјави, нема информации за наши државјани кои се во загрозувачка ситуација или на некого на кого му е потребна асистенција за евакуација.

-Најголемиот дел, преку 30 наши граѓани се наоѓаат во Велика Британија, над 20 граѓани се во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри. Нашите граѓани кои се наоѓаа во НАТО базата во Кабул вчера го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка, изјави Заев во Јегуновце.

И Министерството за надворешни работи информира дека успешно е завршен процесот на евакуација на македонските државјани.

-Според последните информации кои утрово се пристигнати од нашата дипломатска мрежа, најголемиот дел, или 39 наши граѓани се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, од каде по неколкудневниот карантин, согласно епидемиолошките правила на земјата, ќе бидат упатени за дома; во Осло, Норвешка се наоѓаат седум наши граѓани, кои исто така согласно епидемиолошките мерки на земјата домаќин се наоѓаат во неколкудневен карантин, по што наскоро ќе бидат упатени дома. Последно, 27 наши граѓани се наоѓаат во воената базата на САД во Доха, Катар и се на безбедно. Трансферот на овие граѓани кон Европа сѐ уште не одреден и се прават дополнителни напори и со катарските власти, и со администрацијата на САД, за нивно скорешно упатување кон Скопје, посочија од МНР.

Во гостување во дневникот на ТВ Сител вчера премиерот Заев истакна дека не треба да се биде голем или поголем од другите и да се биде богат за да се покаже големо срце и човечност.

Според него, политикантски се коментарите дека нашата земја покажала повеќе волја од поголеми и побогати држави да ги прифати бегалците од Авганистан.

-Ова е прашање на принципи, вредности, на хумана определба да покажеме дека сме луѓе и дека имаме разбирање за страдањето на народот на Авганистан. Многу сум горд на тоа дека ќе им дадеме надеж на 450 до 500 или повеќе луѓе во неволја, рече Заев.

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, неприфатливо е и погрешен потег е нашата држава да прима многу повеќе бегалци од Авганистан од побогати држави од нас. Партијата со став и дека земјава нема капацитет да прими бегалци.

– Она што ние го поставуваме како прашање е дали Зоран Заев и оваа влада имаат капацитет за примање на  бегалци и нашиот одговор е не, затоа што тие не можат да ја средат државата камо ли да примаат бегалци, потенцира потпретседателот на партијата Александар Николоски во гостување на Канал 5.

Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.

Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, пак, се задолжени на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.

Првите луѓе на главните агенции на ОН вчера ја повикаа меѓународната заедница да обезбеди финансиска поддршка за операциите за хуманитарна помош во Авганистан, односно да им помогне на 16 милиони луѓе, за што проценуваат, потребни се 1,3 милијарди долари.

-На авганистанскиот народ му е потребна нашата поддршка повеќе од кога било порано. Нашите организации се посветени на помагање и заштита. Ќе останеме во Авганистан и ќе ги исполниме ветувањата”, се наведува во апелот потпишан од првите луѓе на Меѓуагенцискиот постојан комитет на ОН.

Тоа е координативен форум на високо ниво што ги собира шефовите на 18 организации на ОН и надвор од ОН. Одборот има редовни состаноци, но и вонредни, во случај на некоја моментална криза во светот. 

0 Коментари

Остави коментари