Почнува 3. Сезона на Twingo Cup

Единственото натпреварување во кое македонски возачи ќе се испробаат на вистински тркачки патеки во Европа, Twingo Cup викендов ја почнува  третата сезона. Возење со подеднакво подготвени возила и шест различни европски патеки се предизвик за деветтемина Македонци кои од април до октомври ќе се борат за титулата на сезоната, која вклучува и парична награда, но и за главната награда - електричниот автомобил Renault Twizzy што ќе го добие најдобриот возач од сите три сезони.

Twingo Cup им нуди можност на натпреварувачите да ги покажат своите возачки способности и да уживаат на патеката. Покрај за Twingo Cup во кое има засега 33 пријавени возачи, истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија, а трофеи ќе им бидат доделени и на најдобрите во категоријата „Junior“ за возачи до 23 години, како и категоријата „Gentlemen“ за возачи над 40 години.

Организаторот Aутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје сезонава ќе им овозможат на возачите да имаат вистински предизвик со учество на патеки на кои се вози и Формула 1, а Twingo Cup ќе биде придружен дел од тркачките викенди на одредени патеки каде исто така ќе се возат трки од различни серии.

„ И покрај тешките времиња пред се поради короната, успевме да организираме две сезони од Twingo Cup. Секоја сезона одиме чекор напред, следејќи ги амбициите на нашите натпреварувачи. Учиме како клуб, како организатор и како натпреварувачи и секоја сезона сме се подобри. Twingo Cup е подеднакво и натпреварување, и дружење и забава. Најважно е што можеме да покажеме, а и досега покажавме дека и во овој спорт имаме и таленти и зрели возачи. Сезонава првпат ќе возиме на патеки како што се Ред Бул Ринг, Брно и Монца. Тоа се нови предизвици за нашите натпреварувачи, за нивните можности и чекор напред во нивната афирмацијата, но и на македонскиот авто спортот надвор од државата. Ги знам добро и верувам во момците кои ги управуваат овие „мали количиња“ дека имаат квалитет да се носат со конкуренцијата. Голема благодарност и до спонзорите Аутомотив Груп, С-лизинг, ПСС, Триглав и Агенцијата з амлади и спорт кои не следат во оваа европска авантура на Twingo Cup“, вели Зоран Калеников, организаторот на Twingo Cup.

Од пријавени се 33 возачи од шест држави во Twingo Cup, најбројни се оние од Словенија, а од Македонија ќе има девет возачи. Ќе има и возачи од Србија, Италија, Чешка и Австрија.

Во првенството на Македонија ќе се борат девет возачи. Петмина се членови на АКК Рено Спорт Скопје, двајца се од Свифт рејсинг, и по еден член имаат АКК Проспорт и АКК Сити Скопје. Ќе има и двајца дебитанти кои ќе возат на познатите патеки во Европа заедно со другите натпреварувачи. Тоа се Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ, кои ќе бидат во возила на AKK Рено Спорт Скопје. 

Актуелен првак во Automotive Twingo Cup за 2021 година е Давид Малинковски кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шестпати беше на пиедесталот. Лани имаше петмина различни победници на трките од Automotive Twingo Cup. 

Натпреварувачи во Automotive Twingo Cup

Борис Стојменов – АКК Рено Спорт Скопје

Ненад Костовски – АКК Рено Спорт Скопје

Ангелче Стојковски – Свифт Рејсинг

Давид Малинковски – АКК Рено Спорт Скопје

Владимир Тренески – Свифт Рејсинг

Слободан Трајковски – АКК Рено Спорт

Зоран Мираковски – АКК Проспорт

Марко Блажевски – АКК Сити Скопје

Мурис Хамзиќ – АКК Рено Спорт

Сезонава планирано е да се возат вкупно 12 трки на шест патеки во Европа. Twingo Cup ќе се вози на познатите Ф1 патеки во Унгарија, Австрија и Италија, како и на патеките во Централна Европа каде заедно во ист тркачки викенд ќе се возат и трки од TCR Eastern Europe, FIA CEZ, FX Series покажувајќи ја сериозноста на организаторите ова натпреварување да биде со сериозни натпреварувачи на познати светски тркачки патеки.

Новата сезона на Twingo Cup почнува на 8 април 2022 година со трка на Хунгароринг, Унгарија, а треба да заврши со трка на уште една Ф1 патека на 30 октомври на Монца, Италија. На секоја патека, вкупно шест,  ќе се возат по две трки. Единствено останува да се прецизира точниот датум на трката на Серез, Грција која е закажана за октомври.

Календар на Twingo Cup 2022

8-10 април – Хунгароринг, Унгарија

3-5 јуни – Редбул Ринг, Австрија

23-24 јули – Гробник, Хрватска

9-11 септември – Брно, Чешка

октомври – Серез, Грција

29-30 октомври – Монца, Италија