Во Бразил се предлага четврта доза вакцина против Ковид-19 за лицата со ослабен имунитет
Foto

Во Бразил се предлага четврта доза вакцина против Ковид-19 за лицата со ослабен имунитет

Бразил ќе понуди четврта доза вакцина против Ковид-19 на возрасните лица со ослабен имунитет. Ќе може да се даде четири месеци по третата дополнителна доза, соопшти Министерството за здравство.

Во циркуларното писмо се наведува дека планирано е да се намали интервалот помеѓу втората и третата доза на вакцината од пет на четири месеци.

Во меѓувреме, бразилската Влада најави дека ќе донира 10 милиони дози вакцини на сиромашните земји во рамките на програмата Ковакс на Светската здравствена организација. Според бразилското Министерство за здравство тоа нема да влијае на кампањата за имунизација во Бразил.

Вакцинацијата во Бразил почна задоцнето и хаотично, поради критиките од екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро. Тој одби да се вакцинира и ја критикуваше одлуката на регулаторните органи да се дозволи вакцинација на децата на возраст од пет до 11 години.

Во Бразил од последици од коронавирусот починале повеќе од 617.000 луѓе, поради што земјата е на второ место, по САД по бројот на смртни случаи. Бразил со 212 милиони население е на трето место по број на инфицирани со повеќе од 22 милиони.

Сепак, кампањата за вакцинација во Бразил е забрзана во последните месеци, при што две третини од населението веќе се целосно вакцинирани. Намален е бројот на нови инфекции и смртни случаи.

0 Коментари

Остави коментари