Втор ден скрининг во училиштата
Foto

Втор ден скрининг во училиштата

Сите ученици кои досега се тестирани во рамки на скринингот се негативни на коронавирусот. Од Центарот за јавно здравје, кој го спроведува скринингот на терен, апелираат родителите да дадат согласност за тестирање на децата, за да може да се утврди дали има жаришта во училиштата и навреме да се реагира. 

„Јас само можам да апелирам и до учениците и до наставниците и до родителите да се тестираат што помасвно, да дадат согласности бидејќи така можеме да добиеме информации за евентуални жаришта со што ќе може да реагираме навремено и да превенираме.“ - вели д-р Беким Зекири - директор на Центар за јавно здравје - Скопје.

Екипите на Центрите за јавно здравје излегуваат веднаш на терен како што Министерството за здравство ги добива согласностите од Министерството за образование. 

ТВ 24 праша во МОН дали и колку родители одбиле нивните деца да се тестираат и кои се причините, но од таму не добивме одговор на овие клучни прашања. Дел од училиштата сепак потврдуваат дека има и родители кои не дале согласност за тестирање, по што се правеле нови листи на ученици. Скринингот денеска продолжи во скопските училишта меѓу кои и средното училиште „Браќа Миладиновци “во Драчево. 

„За нас како наставен кадар, но и за родителите и за учениците е многу важно  да знаеме дали иамме ковид во училиштето кој не ги манифестира сите симптоми за да можеме безбедно да ја спроведуваме наставата и да се заштитиме и да можеме да ја продолжиме наставата со физичко присуство.“ - вели Елизабета Ангелеска - директорка на Средно Училиште „Браќа  Миладиновци“. 

Очекувањата на здравствените власти се до крајот на неделата да бидат истестирани вкупно 500 ученици. 

„Имаме одлична соработка од децата, некои имаат страв но битно е да е завршена работата како што треба.“ - вели Денис Јанкуловски - медицински техничар.  

Освен во Скопје скрининг се прави и во основни училишта во Берово, Вевчани, Демир Капија, Дојран, како и во други градови низ земјава.  

Очекувањата на здравствените власти се целиот процес да заврши за околу две недели по што велат ќе добијат јасна слика за тоа каква е состојбата со трансмисијата на вирусот помеѓу учениците. 

Сепак според дел од епидемиолозите, скринингот на ученици по случаен избор и бројката на ученици, која е предвидена за тестирање - нема да даде реална слика за заразата кај учениците. Тие препорачуваат барем еднаш месечно учениците да подлежат на скрининг, за да може да се контролира заразата во училиштата.

0 Коментари

Остави коментари