Забранети летови и карантин за патниците од Британија
Foto

Забранети летови и карантин за патниците од Британија

Поради појавата на нова мутација на коронавирусот во Велика Британија, од денеска се забранети сите летови од и кон оваа држава. Мерката за оваа забрана ќе трае до крајот на годинава. Кај нас надлежните уверуваат дека вирусот е под контрола, а во однос на вакцината, се е подготвено навреме за нејзина набавка.

Превентивната мерка за забрана на летови од и во Велика Британија ја усвои синоќа Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.

Дополнително, за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија, како и за оние патници кои од таа држава ќе стигнат во земјава по копнен пат, ќе важи мерката задолжителна 14-дневна самоизолација.

Во меѓувреме надлежнита работат на набавка на вакцини против Ковид-19. Покрај Ковакс системот, се водат и директни преговори и разговори со производителите на вакцината.

Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека се е направено навреме за набавка на вакцина. Тој очекува следните денови да се најде решение и за директна набавка. Од Бирото за јавни набавки се бара решение како директно да се купи вакцината.

-Владата очекува од Бирото за јавни набавки да бидат инвентивни и да кажат како може тоа да се направи. Доколку одговорот биде дека не може, министерот за здравство со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата ќе работат на дополнување на членот на Законот за јавни набавки со поглавје Ковид-19 заради набавка на вакцини, лекови и сл. да има можност директно по пат на преговарање да можат брзо да ја направат набавката. Очекувам во следните денови да се најде решение, рече вчера Заев.

Постои и можност за директна поддршка од Грција и Бугарија, а се размислува и за грант од 70 милиони евра за Западен Балкан за набавка на вакцините.

0 Коментари

Остави коментари