Заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје

На Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, денеска во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи литургијата, со која ќе чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ, архиепископот охридски и македонски Стефан и патријархот српски Порфириј. Литургијата, која ќе почне во 9 часот, ќе биде отворена за верниците.

Заедничкото сослужување на двајцата поглавари, доаѓа по надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристичкото општење, откако Вселенската патријаршија донесе одлука МПЦ-ОА да ја признае за канонска црква.

Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ-ОА и владици на СПЦ. На крајот на Божествената литургијата двајцата поглавари ќе имаат обраќања.

Претходно, на 19 мај, двајцата поглавари служеа заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, на покана на српскиот патријарх Порфириј. По ова, следеше покана од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, за заедничка литургија во храмот „Св. Климент Охридски“ во Скопје на Денот на сесловенските просветители светите рамноапостоли Кирил и Методиј.

Заедничката литургија е во рамки на канонската посета на делегација на СПЦ, предводена од патријархот Порфириј, која вчера пристигна во Скопје. Делегацијата ја сочинуваат дваесет лица, меѓу кои и осуммина владици на СПЦ.