Законот за амнестија донесе поблаги казни за 4-та обвинети за организација на 27 април
Foto

Законот за амнестија донесе поблаги казни за 4-та обвинети за организација на 27 април

Законот за амнестија не може да биде особено олеснителна околност за изрекување на помала казна од законски предвидената за организаторите на упадот во Собранието, вели адвокатот Јован Јоанидис откако вчера Кривичниот суд Скопје ги осуди на казна затвор од шест до шест и пол години четворицата обвинети во случајот „Организатори на 27 април“. 

Според него, амнестијата може да биде земена в предвид за извршителите на кривичното дело упад во Собранието, кои што, како што вели тој, може да биле и заведени, но не и за организаторите на упадот. 

Изрекување на помала казна од законски предвидената е можна само ако обвинетиот ја признал вината, ако одбраната се спогодила со обвинителството или ако постојат особено олеснителни околности, објаснува адвокатот Валентин Зафиров. Ако еден од тие услови не се исполнети, вели тој тогаш не може да се изрече таква казна. 

Во образложението на пресудата, судот вчера меѓу другото наведе дека обвинетите се виновни но една од олеснителните околности за да биде изречена помала казна од законски пропишаната е Законот за амнестија со која беа амнестирани дел од извршителите на упсдот во Собранието на 27 април 2017 година. 

Јоанидис вели дека Македонија како земја во која владее континетланото право вчерашната пресуда не мора нужно да стане пракса но сепак, во иднина, адвокатите недвојбено ќе можат да се повикаат на ваквата пресуда. 

Кривичниот суд Скопје вчера го огласи за виновен и првостепено го осуди поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски на шест и пол години казна затвор. На шест години и три месеци се осудени поранешните министри за образование и за транспорт и врски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осуден на шест години казна затвор. Обвинетите беа прогласени за виновни за терористичко загорзување на уставниот поредок.

0 Коментари

Остави коментари